
Судот му врати на Џафери, за прв пат Собранието не донесе одлука за одземање на имунитет
Судот му врати на спикерот Талат Џафери. По неговата изјава дека судот ќе биде виновен ако избегаат Вељановски и Димовски, од кривичен му порачаа дека ова е прв пат Собранието да не одземе имунитет за пратеници за кои обвинителството побарало притвор. Со ова како што пишуваат во соопштението, судот бил оневозможен да одлучува за притворите во двата случаи. Во соопштението испратено од Кривичниот суд се вели дека неприфатливи се изјавите како што беше таа на Џафери.
Судот не може да постапува по предлогот за определување на мерката притвор без претходно позитивно произнесување на Собранието во однос на имунитетот. Неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови, велат од судот.
Сепак од судот не ја исклучуваат можноста повторно да се бара притвор за Љупчо Димовски и Трајко Вељановски, но тоа ќе зависи од обвинителството. Ако тоа поднесе нов предлог за притвори поради нови или изменети околности судот повторно веднаш ќе се обрати до Собранието. Ако во тој случај се добие навремена одлука од пратениците, судот ќе постапува по неа пишуваат во соопштението. Од обвинителството велат дека дополнително ќе одлучуваат дали ќе бараат исти или други мерки за претпазливост.
Инаку претседателот на Собранието Талат џафери вчера во изјава рече дека не собранието туку судот би бил виновен во ситуација кога би избегале двајцата пратеници кои се гонат за две различни дела. Ним собранието не им го одзема имунитетот во законскиот рок кој е предвиден за тоа. Од судот информираат дека токму Собранието ги известило дека нема одлуки за одземање на имунитет. Инаку Вељановски е осомничен како организатор за настаните од 27 април во собранието. Димовски пак е осомничен за маверзации со државно земјиште додека беше министер за земјоделство.
Билјана Николовска