Судирот на интереси во власта – тенка линија до корупција

Тенка е линијата помеѓу судирот на интереси во власта и корупцијата. За да се спречи злоупотребата на јавниот интерес во приватни цели потребно е јасно дефинирање на критериумите кога оваа состојба преминува во корупција. Наместо парцијално да се сузбива, проблемот треба радикално да се решава, рекоа претставици на владата и невладиниот сектор.

„Целта на спречување на судирот на интереси не е да се забрани личен интерес на службеникот затоа што тоа може да доведе до дискриминација на фирмите, туку да се одржува интегритетот на политиките и одлуките и нивно менаџирање и препознавање“, кажа Вања Михајлова поранешен член на ДКСК.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев смета дека треба да се стави крај на праксата да се формираат само за да добијат државен тендер. Посочувајки го сопствениот пример, праша дали спречувањето на судир на интереси, значи заштита на јавниот интерес?

„Јас најдов разбирање и во сопственичката структура и со моите партнери да се откажеме од сите процеси и еве гледаме дека веќе никаде не се учествува, но никој не поставува прашање сега по кои цени тоа се плаќа? Дали се тие поскапи, дали со тоа е заштитен јавниот интерес? Не. Затоа мислам дека таа проблематика треба да се регулира прецизно“, кажа Кочо Анѓушев – вицепремиер на РМ.

Од законот за спречување на корупцијата не е задоволен првиот човек на Стопанската комора Бранко Азевски. Со години збориме за овој проблем рече тој и немоќни сме да го решиме, бидејќи не разликуваме што е јавен, а што приватен интерес.

„Рамбо Амадеус го има решено ова, со стандард од 500 евра нема да има корупција. Каде ја има? Во УО на ЈП. Таму се членува само за да ги гипсираат рацете и да креваат два прста, кажа Бранко Азевски од Стопанска Комора на Македонија.

Новиот предлог закон е во собраниска процедура и се очекува да биде донесен следната недела.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ