
Судијата Киро Здравев нов претседател на Судски совет
Со 12 гласа ЗА и ниту еден против, за претседател на Судскиот совет е избран судијата Киро Здравев. Негов заменик ќе биде Селим Адеми. За него гласаа 11 членови на Судскиот совет, и имаше едно неважечко ливче.
Здравев, функцијата ја наследува од досегашниот претседател Зоран Караџовски, чиј мандат истекува утре. По тајното гласање и изборот, Караџовски го одржа и последниот говор пред членовите, во кој кажа дека очекува неговиот наследник да има помалку турбулентно време.
Врховниот судија Киро Здравев, е нов член на Судскиот совет од декември 2018-та. Го предложи неговиот колега, членот Сашко Ѓоргиев, а други предлози немаше. Мандатот на претседателот на судскиот совет, според новиот закон е 2 години. На седницата присуствуваше и претседателот на Врховен, Јово Вангеловски, кој во последно време не доаѓа на седниците, а е член по функција.