
Судењето за „Труст“ одложено за 13 февруари
Судското рочиште за предметот „Труст“ на СЈО, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан што требаше да се одржи денеска во скопска единица е одложено за 13 февруари.
Во предметот „Труст“ покрај Кочан, осомничени се уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Обвинителите од СЈО ги изведоа пред Судот сите докази, вклучително и бомбите, кои беа први аудио-материјали пуштени во судницата. На ред се доказите на одбраната по што се очекуваат завршните зборови и пресудата.
Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.