
Судењето за ТНТ продолжува на 17-ти Јануари, најверојатно од почеток
Поротничката Лилјана Јовановска Кочковска најверојатно нема да одучува за пресудата за ТНТ.
Судењето ќе продолжи на 17 јануари следната година од почеток. По неколкудневната битка во ТНТ обвинетите излегоа задоволни но не и обвинителот кој две години го води овој процес.
Тој претходно се обиде да спаси барем пола од предметот. Побара раздвојување на постапката за отсутниот Тони Трајковски и тројцата обвинети од комисијата за јавни набавки за да може судењето да заврши барем за Миле Јанакиевски, Никола Груевски и Елизабета Најдовска.
Одбраната се спротивставуваше повикувајки се на судска пракса, а ексминистерот за транспорт и врски рече: Ако целта на обвинителството е да му се скине главата на Миле Јанакиевски повелете.
Судијата не прифати раздвојување.
Рустеми не исклучува судењето да се одолговлечи но сигурен е дека не може да застари бидејки обвинетите се гонат за потешки кривични дела .
Во 9 часот утрово сите беа во судница освен екс-градоначалникот на Гази Баба, Трајковски.
Како последица од нападот вчера вечер повторно завршил во Ургентен центар
Одбраната и обвинителот и во судница спореа дали на поротничката и завршил мандатот ноќеска на полноќ кога наполнила 60 години или треба да чека судскиот совет официјално да донесе решение за тоа.
Од судскиот совет најавија дека ќе пресечат на првата наредна седница. Велат дека за утре дневниот ред е полн и нема да може да се произнесат.
Но освен ТНТ уште најмалку 4 предмети на поранешното СЈО се во опасност дека ќе почнат од почеток поради промена на поротник.
Претседателот на судот, Иван Џолев на колегиум минатата недела го прифатил предлогот на судијата Владимир Туфегџиќ да иницираат законска измена за да се избегнат одолговлекувања и злоупотреби.
Според актуелниот закон доколку се смени судија или поротник на среде судење а одбраната не дозволи да се читаат доказите и сведочењата тогаш сите сведоци повторно се сослушуваат во судница и одново се изведуваат другите доказите.
Според предлогот на Туфегџиќ на новиот судија или поротник на нејавна сендица ќе треба да им бидат презентирани сите дотогаш изведени докази за да се запознае со предметот и потоа судењето ќе може да продолжи наместо да почне одново и за тоа нема да мора да се бара согласност од обвинителството и одбраната.
Елена Ивановска Мукоска