Судењата ќе се одржуваат но се предлага јавноста да биде одделена од странките во судница

Три судијки од Граѓански суд се во самоизолација. Две се вратиле од Франција а една од Израел па превентивно и согласно препораките останале дома, информираат од скопска двојка.

Во моментов во судот се одлагаат рочиштата само на вкупно 10 судии и тоа на тројца судии кои се во самоизолација поради патување во странство, на пет  судии кои ја користат мерката за ослободување од работни обврски на родител на дете до 10 години и на двајца судии кои се хронично болни, информираат од Граѓанскиот суд.

И од Граѓански и Кривичен суд велат дека  сите судења , за кои се исполнети законските услови,  се одржуваат но и дека ги почитуваат препораките на владата за превенција. Во Кривичен немало судии во самоизолација. Но ТНТ за уривањето на Космос, се одложи поради отсуство на обвинетата Елизабета Најдовска. Бранителот Мерџан Даути објаснил дека неговата клинетка останала дома затоа што нејзиниот сопруг бил во контакт со доктор кој сега е во самоизолација откако бил на семинарот каде што беше и екс директорката на Кожно, заболена на корона вирус.

Со оглед да не се исполнети условите да се одржи главната расправа, заради отсуство на една од странките, судот ја одложи расправата, а во меѓувреме ќе ги спроведе сите неопходни проверки согласно наводите на адвокатот и доколку се утврди дека се работи за неосновано одолговлекување на постапката ќе бидат презмени соодветни мерки, велат од Кривичен суд.

Судскиот совет попладнево препорача судењата за кои има законски услови да си продолжат во нормален тек но истовремено и сите граѓани да се јавуваат во судските постапки само ако е задолжително. Ова значи дека сите обвинети и сведоците треба да доаѓаат на судењата бидејки судските покани се задолжителни.

Таму каде што интересот на јавноста е поголем се препорачува, истите да продолжат но седниците да се следат со редуцирано физичко присуство на јавноста, без притоа да се наруши принципот на јавноста во судските постапки. Таму каде што постои можност да се овозможи јавноста да ги следи седниците од посебни простории, како и  следење на седниците преку видео стриминзи и сл. стои во соопштението од Судски совет.

Слични пораки стасаа и од Министерството за правда, продолжување на судските постапки со зголемено ниво на претпазливост.

Се препорачува искористување на просториите во кои има физичко одделување на учесниците во постапката и јавноста, како и користење на други  можности за информирање, како видео пренос и слично, велат од правда.

Адвокатот од ТНТ Јовица Страшевски со писмо до министерот Венко Филипче бара да препорача да се одржуваат само итните и неодложни судења. Вели нема логика кога се забрануваат јавни собири во судот да работи во полна пареа и дневно да циркучираат илјадници. Најавува дека деновиве нема да се појавува на рочиштата

Медиуми од Бугарија јавуваат дека бугарскиот врховен судски совет препорачал одлагање на јавните судења за еден месец како мерка за да се намали ширењето на Ковид 19. Исклучок од ова важи само за итните постапки. Најави за одлагање на судења има и во Грција.

Елена Ивановска Мукоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ