
Морбилите го затворија струшкото хируршко одделение, инспекторите ќе казнуваат доколку некој од персоналот одбил да прими вакцина
Малите сипаници го затворија хируршкото одделение во Струга, а ги кренаа на нозе здравствените инспектори. Тие веднаш собрале официјални податоци – колкумина од медицнискиот персонал се заразиле со морбили. Можни се и казни ако некој од заразените таму одбил да се вакцинира.
„Таму имаме седум од хирургија и седум заболени од анестезија. Вкупно заболени во струшката болница се 34. Значи не се само на споменатите одделенија. Во тек на денешниот или утрешниот ден, податоци, дали директорот има постапено по наредбата од министерот, дали има одбиено од веќе инфицираните колеги, дали одбиле да се вакцинираат. Доколку имаме такви податоци секако дека ќе се преземат соодветни законски одговорности.“ кажа Ирина Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во струшката болница во овој момент работи амбулантата која служи само за најитните случаи. Пациентите на кои ќе им се даде брза помош веднаш ќе се препратат во друга болница се додека е затворено хируршкото одделение во Струга.
„На некој начин ние го затвораме одделението, пациентите што беа кај нас оперирани ги имаме пратено дома. Ни работи амбулантата за итни случаи меѓутоа со препорака ако дојде нешто итно да го згрижиме и да го препратиме во најблиската болница – дали костозглобна, дали Охрид.“ кажа Владимир Кочоски, началник на хируршкото одделение на ЈЗУ Општа болница – Струга.
Од ДСЗИ потсетија дека здравствените работници, но и родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата подлежат на казни.
Родителите на идните првачиња имаат време до август да ги вакцинираат децата, за тие да бидат запишани и распоредени во прво одделение.
„Децата коишто немаат таква потврда, коишто не ги примиле вакцините, во училиштата треба да ги примат сите апликации до крајот на осми месец родителите треба да донесат потврда за вакцинирање и истите ќе бидат запишани без никаков проблем.“ кажа Мухамет Хоџа, портпарол на Владата на Република Северна Македонија.
Затворањето на хируршкото одделение во Струга поради малите сипаници уследи откако оваа заразна болест минатата недела го достигна пикот – со 134 новозаразени за само седум дена.
Петар Догов