
Струмичани бараат итни мерки за решавање на проблемот со загадувањето
Граѓаните реагираат дека во попладневните часови се гушат во чад и неподнослива смрдеа и бараат надлежните да ги превземат потребните чекори за надминување на состојбата.
Општина Струмица денеска излезе со препораки за намалување на загадувањето и тие главно се во насока да не се користат возилата непотребно, или да се патува со јавен превоз до населените места, а МВР да спроведе контрола на воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила.
Изминативе денови во Струмица пм 10 честичките достигнаа над 500 микрограми на метар кубен воздух, поради што имаше силни реакции од жителите на социјалните мрежи. Одделението за животна средина информираше дека инспекторите се на терен и вршат контрола на индустриските објекти и приватните домови, но не прецизираа дали последниве денови детектирале проблеми и изрекле казни.
Сузана Мицева