Стратуваше скијачката сезона на Пелистер

По дводневни непрекинати врнежи од снег и снежна покривка од околу 80 сантиметри, денеска официјално стартуваше скијачката сезона на терените на Пелистер, во ски центрите Нижеполе и Копанки. Планинските патишта кои водат до овие туристички места од утрово се проодни. За голема радост на љубителите на зимските спортови во Нижеполе покрај дневното, има и ноќно скијање, а двата ски лифта ќе работат до доцна во ноќта.

„И ние се радуваме како децата. Супер, времето не е многу студенот, ќе се скијаме. Многу не израдува снегот што порано заврна за разлика од другите години, така што снегот ни донесе голема радост“, велат посетителите.

За разлика од изминатите години,  на Пелистер се очекува дебелата снежна покривка да донесе долга ски сезона,  затоа што на надморска височина каде се ски терените снегот кусо се задржува. Во двата ски центри на Пелистер нема топови за вештачки снег, па љубителите на скијањето со нетрпение очекуваат обилни снежни врнежи како оваа зима. Денеска во ски центарот Нижеполе, покрај битолчани  дојдоа посетители и од соседните градови.

„Располагаме со два ски лифта со капациетет од 1500 скијачи на час, а на располагње на сите посетители им е бачилото, каде можат се стоплат со топли напитоци, а има и брзa храна. Имаме посетители од Прилеп, Велес, Охрид, Струга, Ресен. Снегот навистина ни недостасуваше во изминатите години, а оваа година не смееме да се пожалиме“, рече Горан Марковски, од ски центарот Нижеполе.

И Битола утрово осамна под снежна покривка од 32  сантиметри. Од јавното претпријатие „Нискоградба“  велат дека нивните екипи постојано се на терен, а до денеска за чистење на улиците во градот и локалните патиша до селата вкупно се потрошени 130 тони сол и 100 метри кубни ризла. Во наредните денови во Битола се очекуваат поларни температури.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ