Економија Пред Пендаровски, странските инвеститори се пожалија од власта
Законите, но и министрите често се менуваат, регулативата не е усогласена со европската, не е обезбедено владеење на правото, царува сивата економија, нема евтини пари за купување опрема и развој.
Како од пушка странските инвеститори ги испорачаа своите критики за власта пред претседателот Пендаровски. Бизнисот се пожали и на проблеми со субвенциите што ги дава државата, тие, велат, се третираат како приходи, и поради нехармоничност и застареност на законите, стравуваат од казни од даночните инспектори.
„Често се менуваат луѓето во министерствата, министрите не се со технички капацитети, преговараме со техничките служби“, вели Лидија Нануш, Дилоит.
„Има недостаток на координација и фокус меѓу државните институции“, вели Јанус Геруланос, директор на ОКТА.
Образованието мора да се реформира, но фирмите ги мачи и тоа што обучените работници си заминуваат во странство.
„Толку голем број високо образовни центри и приватни центри воопшто не е потребноп, подобро да се фокусираме на неколку што ќе исфрлат кадри потребни за нашите компании“, вели Ирена Јакимовска, потпретседател на Совет на странски инвеститори.
Стандардните тешкотии не се решени.
„Бараме еднаков пристап до правдата, борба со сива економија, нефункционални услуги, нелојална конкуренција на пазарот, преголема регулација, и носење на законоте без консултација со бизнис заедницата“, вели Елена Милевска, Стопанска комора на Македонија.
Претседателот Пендаровски вети дека со сите сили ќе се бори за владеење на правото, само така бизнисот ќе биде сигурен. Ќе се залага правосудниот систем без мешање од политичарите да ја расчисти аферата Рекет, таа да не се влече по судските коридори.
„Во изминативе 30 години колку што сме независна држава, нема висок политички функционер кој заради злоупотреби завршил во затвор, а тоа не е добро, и низ таа призма ќе не ценат нашите пријатели во Брисел“, вели Стево Пендаровски, претседател на РСМ.
Има голема надеж за датум за преговори во октомври, со тоа земјава ќе влезе во уникатна фаза во која ќе мора да се направат клучните реформи. Во преговорите ќе се вклучи и бизнис заедницата, за да не се направат грешки кои потоа ќе ги кочат фирмите, порача претседателот.
Нина Нинеска-Фиданоска



