Странските фирми против прогресивното оданочување, УЈП спремно да оданочува

Дел од странските компании во Македонија не ја поддржуваат даночната реформа која треба да стартува од 1 јануари. Прогресивното оданочување според Германската комора ќе ги зголеми трошоците на компаниите, ќе предизвика дополнително даночно затајување и раст на сивата економија. Не штедеј’и критики од таму велат дека покачувањето на придонесите за пензиско и здравствено осигурување не гарантира подобрување на системот а Mакедонија наместо да остане конкурентна земја, со новиот закон се одалечува од рамниот данок и создава несигурност кај стопанствениците.

Зголемувањето на трошоците секогаш претставува “проблем за компаниите“. Особено во временски период кога тие веќе се оптоварени со нови административни давачки, како зголемувањето на минималната плата или регулативата за заштита на лични податоци. Досегашната даночна политика, односно рамниот данок во изминатите години се докажа како значаен фактор за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори. Голем број на германски компании инвестираа во Македонија. Покрај тоа, не е добро за една земја постојано да ја менува својата даночна политика, велат од Германската стопанска комора.

Иако бизнисот отворено порачува дека е неподготвен за новото даночење, од УЈП  велат дека ќе  испочитуваат се што ќе одлучи Министерството за финансии. Потешкотии и нејасностии се можни на самиот почеток од примената на реформата велат од таму, но ќе бараат доекипирање на тимот.

Бизнис секторот и вчера потенцираше дека со прогресивниот данок нема да се постигне очекуваниот ефект, дека вработените во ИТ секторот ќе си заминат од земјата а тоа ќе го сторат и инвеститорите. Законот за личен доход е во собраниска процедура и по скратена постапка треба да се донесе до крајот на годинава.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ