
Стопанска банка со предвремена исплата на мартовската пензија поради коронавирусот
За зајакнување на мерките за заштита од ширење на ковид-19 Стопанска банка информира дека мартовските пензии од фондот на ПИОМ ќе бидат предвремено исплаќани, со цел да се намали присуството на пензионери во филијалите на првиот календарски ден во месецот и да се овозможи поголема заштита на оваа категорија граѓани од пандемијата.
Од Стопанска банка информираат дека пензионерите кои поседуваат дебитна картичка со мартовските пензии ќе можат да располагаат од денеска, 25 март, на мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
Пензионерите кои не се корисници на дебитна картичка пензијата ќе може да ја подигнат почнувајќи од сабота, 28 март, во сите отворени филијали на Стопанска банка при што филијалите кои вообичаено не работат во сабота ќе бидат отворени на тој ден исклучиво за таа цел.
Листа на филијали кои ќе работат:
https://www.stb.com.mk/novosti/izvestuvanja-povrzani-so-covid-19-i-rabotnoto-vreme/.
Од Банката апелираат клиенти при подигање на пензијата да поднесат и барање за изработка на дебитна картичка со што ќе бидат подготвени за следната пензија со цел максимално да се намали нивното присуство во филијалите заради лична и колективна заштита. Исто така банката апелира до сите клиенти корисници на пензија да пристапат кон активно користење на дебитните картички и банкоматите со цел намалување на нивната потреба од користење на филијалите не само за оваа пензија туку и за пензиите кои следуваат додека траат мерките за заштита. Од таму информираат дека влезот во филијалите е ограничен на одреден број на клиенти во исто време додека пред влезот препорачано е клиентите да се држат на растојание од 2 метри.