„Стоп за насилството“ марш на црвените чадори

Стоп за насилството и стигматизацијата  е апелот кој го упатија  сексуалните работници  и активисти за човековите права на денешниот Марш на црвените чадори. Надлежните институции и понатаму ги игнорираат нашите проблеми само затоа што се занимаваме со оваа работа, која ја работиме со страв, малтретирани и злоупотребени не само на улица, туку и во сопствените домови, револтирано реагираат сексуалните работници.

Денес сме повторно на улица, но колку нашиот глас се слуша. Денес сме на улица но со страв и под маски бидејќи знаеме дека утре повторно ќе бидеме осудувани дискриминирани силувани и злоупотребувани. Сакам сите да знаете дека и јас сум човек, мајка жена и одлучувам самостојно за мојот живот.  Моето лично право на избор не треба да ви пречи. Се додека тоа не му штети на општеството,

вели Моника, сексуална работничка.

Во анализите на граѓанските организации во 2018 та година се документирани 100 случаи на насилство врз сексуални работници. Најголем дел: 34 случаи на семејно насилство кои се случиле во домот на сексуалните работници. Според истражувањата трансродовите сексуални работници се уште повеќе изложени на насилство и маргинализација.

Сексуалните работници не се заштитени од полицијата. Имаме документирани случаи од нивна страна каде зборуваат дека токму полицијата е таа која е сторител на насилство, од физичко насилство до силување. Ова е недозволиво. Моделот кој што го имаме моментално не ги заштитува доволно сексуалните работници, затоа сметаме дека декриминализацијата најдобро ќе ги заштити нивните човекови права, а при тоа ќе овозможи и нивна здравствена заштита,

вели Драгана Дрндаревска од коалицијата СЗПМЗ. 

17 декември е прогласен за Светски ден на правата на сексуалните работници, по извршениот масакр  врз 46 сексуални работнички во Грин Ривер, во Америка, затоа повеќе од една деценија се организираат протести со една порака да нема повеќе претепани и изчезнати, понижени и убиени сексуални работници.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ