Столтенберг: Северна Македонија со НАТО ја осигура својата безбедност и просперитет

Земјава стана дел од  најуспешниот и најсилниот сојуз во историјата и со членството во НАТО си го обезбеди мирот и просперитетот. Ова во интервју за Телма по повод членството на земјава во НАТО го изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој притоа освен за придобивките за земјава од членството и честиташе и за напорната работа и посветеноста кои ја довеле до тоа. Столтенберг во интервјуто зборува и за улогата на НАТО во справувањето со кризата со коронавирусот, но и информира дека земјава се уште не побарала помош за справување со кризата преку каналите на НАТО.

Интервјуто со генералниот секретар на НАТО го водеше Тамара Грнчароска.

Г-дине Столтенбер, пред неколку часа пред седиштето на НАТО беше кренато македонското знаме како 30 земја-членка, но поради коронавирусот тоа беше направено со мала церемонија и без присуство на високи државни претставници од земјава. Токму поради заканата од овој вирус, дозволете ми интервјуто да го почнам со прашање: Дали ковид-19 ги активираше механизмите на Алијансата за помош на земјите-членки и како НАТО може да им помогне во ваква ситуација?

Пред се ова е историски ден за Северна Македонија. Вие сега сте полноправна членка на НАТО, имавме церемонија на кревање на знамето пред седиштето на НАТО. И сега вашето знаме се вее заедно со сите други знамиња на НАТО. Ова е важно за Северна Македонија, ова е важно за Западниот Балкан, ова е важно за сите сојузници на НАТО. Затоа, честитки до Северна Македонија. Ова е поради вашата напорна работа и посветеност на реформите, модернизирање на општеството во Северна Македонија и способноста, исто така, да го решите прашањето со името. Се ова направи возможно вие да станете членка на НАТО и сега да ги започнете пристапните преговори со ЕУ.

Ова е одлично. И ви честитам на вашата посветеност и напорна работа.

Секако, сега НАТО одговара на КОВИД-19 кризата. Ние не сме на првата линија на одговор, но НАТО може да обезбеди поддршка и помош. Денеска и вчера Чешката Република обезбеди помош во заштитни одела за Шпанија и Италија. НАТО обезбеди поддршка за воздушен транспорт. Различни НАТО-земји си помагаат меѓусебно на различни начини и НАТО овозможува платформа за нивна координација и помош како да го направат тоа.

Секако ние мора да обезбедиме дека НАТО ќе ги ипсолни своите основни задачи, а тоа е да продолжи да обезбедува кредибилно одвраќање и одбрана во оваа многу сериозна здравствена криза.

Неколку земји-членки веќе побараа помош, меѓу нив Италија, Шпанија, Црн Гора. Дали Северна Македонија веќе побарала помош од НАТО и каква?

Колку што јас сум запознаен, Северна Македонија не поднела формално барање за поддршка преку каналите на НАТО и секако НАТО нема големи залихи на опрема, но она што може да го направиме е ние да ги мобилизираме ресурсите и да ја координираме помошта од НАТО-сојузниците. Исто така имаме и некои можности за воздушен транспорт. Ние сме го направиле тоа досега и секако постојано гледаме што можеме повеќе да направиме. Но НАТО не е на прва линија на одговор на тоа, НАТО може да ги помогне цивилните напори и тоа е точно она што го направиме. Ние може да видиме дека оружените сили играат клучна улога во многу земји од НАТО во справување со кризата со короната, обезбедувајќи логистичка поддршка, одговорни се за дезинфекција на јавните места, а исто така и воените медицински можности, воените болници сега помагаат во справување со кризата. Оружените сили играат улога во насока Алијансата да обезбеди помош.

Г-дине Столтенберг, членството на една земја во НАТО значи безбедност, стабилност, солидарност, поттикнува позитивни економски трендови. Според вас, како генерален секретар, која е клучната придобивка за Северна Македонија од членството?

Клучната придобвика е што вие сега сте дел од најуспешниот и најсилниот сојуз во историјата. Со тоа, со членството во оваа Алијанса ние заедно обезбедува сигурност и безбедност, го зачувуваме мирот, бидејќи идејата на НАТО е ако еден сојузник е нападнат тоа ќе активира одговор од сите сојузници. Со тоа ние испраќаме јасна порака до сите потенцијални агресори дека не треба да нападнат. Целта на НАТО не е да се води војна или да се биде дел од конфлик, туку целта на НАТО е да превенира конфликт и да го зачува мирот и точно тоа е она што го правиме со децении и сега Северна Македонија е дел од таа солидарност. Со обезбедување на мирот и сигурноста ние исто така создаваме и најдобри услови за економски просперитет. Сме виделе земји кои кога станале членки на НАТО имале значително зголемување на странските инвестиции. Го видовме тоа и кога Северна Македонија беше прифатена како членка, видовме зголемување на странските инвестиции во Северна Македонија. Мирот и просперитетот се многу блиску поврзани.

Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО во петок, 27 март, но процесот на трансформација на армијата продолжува. Што може да очекува земјава да добие од НАТО идната година како Цели на способност, со други зборови, во која насока да ги развива воените способности и капацитети?

Во НАТО ние си помагаме едни на други, планираме заедно, работиме заедно и вежбаме заедно. И правејќи го тоа ние ги правиме нашите сили повеќе интероперабилни, што значи дека тие можат да работат заедно во мир и во конфликт и во криза. И поради тоа, со тоа што е членка на НАТО, Северна Македонија доби пристап до сите НАТО училишта, едукативни објекти и различни програми во кои ние си помагаме едни на други. Исто така ние и планираме заедно бидејќи речиси ниту еден или само неколку сојузниците во НАТО го поседуваат целиот спектар неопходен за современи вооружени сили или современа одбрана. Но со заедничка работа ние може заедно да бидеме силни и да останеме безбедни. Значи се работи да бидеме обединети и правејќи го тоа да бидеме сигурни, безбедни и да го зачуваме мирот.

Последните неколку години членството на Северна Македонија во Алијансата беше и под притисок на разни надворешни влијание во регионот. Дали со полноправното членство на земјава во НАТО таквата закана е отстранета?

Она што го видовме со децении е дека ниту еден НАТО сојузник не бил нападнат од оружени сили. Немало оружен напад против НАТО-сојузник откако оваа Алијанса е создадена. Сме виделе терористички напади, сме виделе сајбер напади, но не сме виделе вооружен напад против некој НАТО-сојузник. Тоа е причина поради која секој потенцијален агресот знае дека напад врз една членка ќе активира одговор од сите сојузници. Така ние превенираме такви напади.

Ние ќе продолжиме да го правиме тоа заедно со Северна Македонија и главната цел на НАТО е да го зачува мирот.

Г-дине Столтенберг, ви благодарам на интервјуто и дозволете ми, како на генерален секератар на НАТО, да ви честитам нова, 30-та, земја членка на Алијансата.

Многу ви благодарам и уште еднаш, добродојде на Северна Македонија во НАТО.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ