
Столтенберг се надева дека Северна Македонија ќе стане полноправна членка до декември
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази надеж дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.
Столтенберг ја упати пораката ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.
Проширувањето на НАТО е голема и успешна приказна, тоа помогна да се рашири демократијата, стабилноста и просперитетот ширум Европа и сега последниот нов член ќе биде Северна Македонија. Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол, кога беше тоа, минатата пролет? Февруари мислам… Во февруари и потоа процесот за ратификација веќе почна и како што реков процесот за ратификација оди прилично брзо. Нормално, всушност кога Црна Гора последна се приклучи, трае една година. Затоа јас не можам и не зависи од мене туку од 28-те национални парламенти да одлучат колку брзо можат да го ратификуваат пристапниот протоколот. Би било прекрасно кога сите би завршиле до декември кога ќе го имаме состанокот на лидерите на НАТО во Лондон во декември. Ако не биде до тогаш очекувам да се заврши брзо по тоа., изјави генералниот секретар на Алијанса, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој нагласи дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.
Северна Македонија е на пат да стане полноправен член, Северна Македонија ги исполнува НАТО стандардите и самото тоа што можеме да се согласиме Северна Македонија да биде нашата 30-та членка го отсликува фактот дека прашањето за името, тешкото прашање за името, беше решено. И тоа поради прикажаната храброст од двајцата политички лидери, премиерите Ципрас и Заев, во Скопје и Атина, истакна Столтенберг.
На утрешниот министерски состанок на НАТО, министрите за одбрана ќе разговараат за буџетските прашања и таргетот од два отсто од БДП кој земјите треба да го постигнат до 2024-та година. На дневен ред ќе биде и спорот со Русија околу нуклеарната повелба која Москва ја прекршува, а ќе се разговара и за предизвиците и можностите за развивање на вселенска програма на ниво на НАТО Алијансата, најави генералниот секретар.