
Столтенберг: Прво успешен референдум, па прием во НАТО
Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО само доколку референдумот биде успешен и граѓаните го поддржат договорот со Грција. Генералниот секретер на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на членките на ЕУ во Луксембург ги прецизираше условите за прием на Македонија во Алијансата. Тој е оптимист дека по самитот на НАТО кој ќе се одржи на почетокот на идниот месец во Брисел, Македонија ќе ги стартува пристапните преговори но поканата за членство би уследила само по успешниот рефрендум.
Грчкиот шеф на дипломатијата,Никос Коѕијас, потврди дека двете писма во кои потврдува дека не се противи за европската и евро-атлантска интеграција на Македонија, според договорот, ќе ги потпише денес и ќе ги испрати до ЕУ и НАТО.
Во интервју за „Еурактив“, Коѕијас изјави дека ЕУ треба да го исполни ветувањето кон Македонија и Албанија, нагласувајќи дека „ако некои земји имаат проблеми со Северна Македонија и Албанија, требале порано да ги споменат“. Тоа се однесува на Франција, Белгија Данска и Холандија кои отворено застанаа против проширувањето на ЕУ.
„Од моментот кога Европската комисија го постави ова лето како хоризонт за почеток на формалните преговори со Северна Македонија и Албанија, ќе треба да го исполниме ветувањето. Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност“, рече Коѕијас.
И високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Фредерика Могерини, ја изрази својата поддршка кон Македонија нагласувајќи дека препораката за старт на преговори има и дека напредокот мора да биде препознаен и охрабрен.
Австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, говорејќи околу отворањето преговори со Македонија и Албанија порача дека земјите ги исполниле задачите и дека кредибилитетот на ЕУ е во прашање истовремено изразувајќи потполна поддршка до Европската Комисија и Могерини за ова прашање.
Огнен Чанчаревиќ