
Столтенберг: Полноправното членство во НАТО ја носи и обврската за колективна одбрана
Членот пет од Вашингтонскиот договор за колективната одбрана на НАТО автоматски ќе стане обврска на Македонија, истиот момент кога сите земји-членки ќе го ратификуваат протоколот за нејзино членство. Вака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг одговори на прашањето за се уште не усвоениот Закон за одбрана со кој обврската за колективна одбрана на Алијансата треба да стане дел од македонското законодавство.
„Членот 5 за колективна одбрана од Вашингтонскиот договор ќе стане обврска за Северна Македонија, веднаш штом Северна Македонија стане полноправна членка. Ние го потпишавме Пристапниот протокол минатата година и сите земји-членки на НАТО треба да го ратификуваат протоколот во нивните парламенти. Така што, кога тоа ќе се случи Договорот ќе важи и за Северна Македонија и Членот 5 за колективна одбрана е Член 5 од тој Договор. Така што тоа ќе биди обврска од Договорот и за Северна Македонија“, рече Столтенберг.
Столтенберг не коментираше дали за НАТО е прифатливо македонската армија во законот за одбрана да се именува со старото име – Армија на Реублика Македонија, на што инсистира опозицијата.
Столтенберг на прес-конференција во пресрет на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој почнува утре и на која ќе учествува и македонската министерка Радмил Шеќеринска, информираше дека ќе се разговара за иднината улога на мисиите на Алијансата во Авганиста и во Ирак, но и за релациите со Русија, пред се за руското непочитување на Договорт за ракетни системи. Столтенберг притоа рече дека НАТО нема да поставува нови нуклеарни системи во Европа, но со сигурност ќе се потруди ја засили европската безбедност.
Тамара Грнчароска