Столтенберг очекува Протоколот за Македонија наскоро да биде потпишан

Откако 29-те земји членки на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол за Македонија, земјата ќе седне на масата на Алијансата во Брисел. Генералниот секратар на НАТО, Јенс Столтенберг, очекува тоа да се случи наскоро.

„Очекувам сите 29 членки наскоро да го потпишат Протоколот за пристапување. Тогаш Скопје ќе биде покането да учествува на состаноците на НАТО. Кога сите 29 сојузници ќе го ратификуваат Протоколот, ние ќе бидеме во можност да и посакаме добродојде на Република Северна Македонија како 30-та земја членка“, изјави Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг од посетата во Романија им честиташе на Ципрас и Заев на нивната храброст и силно лидерство за тоа што од прашањето за името направиле прашање на минатото.

По Словенија и Бугарија и германската влада му дала зелено светло на својот амбасадор во Брисел да го потпише документот за членството на Македонија.

„Ние сме убедени: пристапувањето на Северна Македонија кон НАТО ќе претставува придонес за безбедноста и стабилноста не само во евроатлантскиот простор и нема да ја зајакне само трансатлантската заедница, туку тој ќе биде важен импулс за понатамошно стабилизирање на Западен Балкан. Значи, тоа навистина е добра вест за Европа и за трансатлантската Алијанса“, се наведува во соопштението од германската  влада.

Германија потоа за да го ратификува Протоколот потребно е да донесен закон за тоа. Од германската влада соопштуваат дека Сојузната влада ќе се залага за брзо донесување на овој закон за договор.

Потпишувањето на протоколот од страна на амбасадорите на НАТО во Брисел ќе го отвори патот за ратификација на истиот во земјите-членки, процес кој се очекува да биде завршен до идната пролет. Прва земја која треба да го ратификува Протоколот за членство на Македонија е Грција. Очекувањата на македонската влада се грчкиот парламент да го ратификува неколку дена откако тој ќе стигне таму, најдоцна до средината на февруари.

„Кон крајот на февруари ние ќе добиеме столче во НАТО и ќе седнеме заедно со Америка, Германија, Британија, Франција, со сите. Тие имаат еден глас и ние имаме еден глас. Нашата малечка Македонија… Претпоставувам дека до крајот на 2019 или најдоцна до почетокот на 2020 ќе станеме полноправна членка на НАТО кога сите земји го ратификуваат протоколот на НАТО и тогаш ќе тргнам и ќе го подигнам нашето македонско знаем во Брисел“, изјави синоќа Зоран Заев, премиер на Македонија за телевизијата Н1.

Заев притоа изјави дека не очекува попречување од која и да е земја за пристапувањето на Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ