Стојан Павлески и Цејо Ѓорѓиевски признаа дека се виновни за насилство на 27 април

Стојан Павлески и Цејо Ѓорѓиевски на 27 април фрлале предмети кон пратениците и извршиле насилства во пресс центарот, а по 8 месеци одбрана денеска пред судот признаа дека се виновни. Се каат за тоа што го сториле и во среда ќе се соочат со казната која ќе им ја одреди судот.

Павлески е човекот кој меѓу првите влета во пресс центарот и нагрна на пратениците.

Завртен накај присутните во салата рече дека тоа е чин на агресија кој никогаш нема да го повтори. На друга снимка тој и Ѓорѓиевски за рацете го влечат претепаниот пратеник Зијадин Села низ собраниските ходници. Сепак, обвинителот Дарко Јакимовски не посочи докази дека тие двајца го удирале и повредиле и на минатото судско соочување се предомисли и од обид за убиство продолжи да ги гони за  насилство. Од 6 месеци до 5 години затвор побара Јакимовски од судијката, но во ниту еден случај да не добијат условна казна.

„Било какво алтернативно казнување значи банализизација на тежината на целиот настан. Ако вака се влегува и насилнички се однесуваат во законодавниот дом се поставува прашањето дали било која друга институција или објект е безбеден. Обвинетите биле свесни дека не учествуваат во протест туку во диркетно напаѓање на пратениците“, рече Јакимовски.

Двајцата насилници од тој ден за прв пат во животот сториле кривично дело. Олеснителна околност им е и лошата финансиска состојба, вложеното здравје и грижата за фамилијата и родителите. Последниот збор за висината на нивната казна ќе го има судечкиот совет предводен од Славица Андреевска оваа среда.

Сашо Сенков не се гони повеќе, а сега уште седуммина обвинети продолжуваат до крај на процесот за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Крунските докази беа видео снимките и дузината сведоци предложени од обвинителството.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ