
Стариот градски стадион во Тетово запуштен
На нерамен терен во кал и прашина, наваден само ако заврне дожд обраснат со трева и трње, ѓубре насекаде каде слободно се напасува и рановиден добиток.
Во вакви услови на стариот градски стадион тренираат тетовските фудбалски клубови, претежно нивните млади школи. На стадионот затекнавме педесетина млади како упорно вежбаат и покрај што на секое додавање на топката голтаат прашина, а одвреме навреме мора да внимаваат и на коњите и кравите кои им влегуваат на терен.
Велат дека многу е тешко во вакви услови да се гради фудбалската кариера. Но немаат друг избор, на новиот стадион се играат само натпревари, а игралиштето на спортскиот центар е претежно зафатено и е доста скапо за изнајмувње.
Изненаден од слика на стариот градски стадион е и поранешниот тренер на ФК Тетекс Момо Илиќ, кој по половина век летово дојде да го посети Тетово каде како што вели го поминал најубавиот дел од негобата фудбалска кариера. Вели дека стадионот бил расадник на таленти, а сега е претворен во руина. Жално е што општинските власти дозволиле идните генерации на Тетекс и Љуботен кои преставуваат историја на градот да тренираат на вакво место.
„Тетекс и другиот клуб Љуботен ја создавале својата историја тука на овој стадион, а сега местото е претворено во депонија и руина. Ова не смеело да го дозволи никој, ни градот ни општината. Ќе ги замолам сите и градот и општината и спортските работници , овој терен повторно да се оспособи и за децата и за младината во градот“, рече Момо Илиќ.
Клубовите ни рекоа дека неколку пати се обратиле до општината. Побарале барем малку стадионот да се доведе во нормална состојба.
Во Тетово постојат четри фудбалски клуба, од кои два настапуваат во првата Македонска фудбалска лига, а од годинава и женскиот фудбалски клуб Љуботен ќе учествува во елитното државно првенство.
Зоран Димовски