
Стапуваат на сила засилените мерки против ширењето на КОВИД 19
Градинките, училиштата, факултетите, студентските домови од денеска се затворени, а забранети се и масовни јавни настани, организирани патувања во високоризичните држави. Ова се новите мерки на владата со цел да се спречи ширењето на корона вирусот во земјата, откако се регистрирани седум позитивни случаи, меѓу нив и директорката на кожната клиника, која и покрај препораките продолжила да оди на работа, и по пет дена од патувањето во северна Италија, разви симптми и се разболе од корона вирус.
Во текот на вчерашниот дена не беа регистрирани нови случаи. Негативни беа тестовите на 16 годишната пациентка која имала краток преглед кај директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска кај која завчера беше потврдено дека е заразена од коронавирус, како и на уште двајца други пациенти.
Решението за разрешување на Билјановска треба да биде изготвено денеска, а поради нејзиниот неоговорен однос затоа што не се пријавила кај епидемилозите по престојот во Италија, доаѓала на работа и одржала предавање што стави во изолација голем број лица. Ученици од три основни училишта во општина Карпош се во самоизолација бидејќи дел од родителите работат на Клиниката за дерматологија, а дел биле на симпозиумот што се одржал во саботата, а на кое присуствувала заразената директорка од Клиниката. Поради присуство на симпозиумот во изолација се и четворица здравствени работници од Кожното одделение во Клиничката болница во Штип. Прегледите и хоспитализацијата на Кожното одделение во Штип се стопирани, а таква мерка е во сила од вчера и на Клиниката за кожни болести.
Засилените мерки уследија по првиот случај на локална трансмисија откако тројцата луѓе кои биле во контакт со хоспитализираните сопружници со овој вирус од Дебар беа позитивни на тестирањето.
Поради состојбата со коронавирусот в четврток ќе се одржи и лидерска средба со оглед на тоа што на 23 месецов треба да стартува изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 следниот месец.
Од Владата вчера порачаа дека неодговорноста е најопасна за ширење на корона вирусот, справувањето со овој проблем не треба да се сведе на хајка против оние кои се заболени или се во изолација, ниту пак некој треба да профитира политички на сметка на здравјето на граѓаните. Ако дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа.
Владиниот кабинет тврди дека има доволен број тестови односно од 1.000 што се на располагање, а потрошени се 40, како и дека засега нема да се воведат посебни економски мерки, но владините економски ресори се во постојана комуникација со стопанските комори и до крајот на неделата ќе имаат дополнителни проценки.
Во случај да дојде до продолжување на 14-дневното затворање на воспитно образовните институции, од Владата велат дека школската година може да се организира со скратена наставна програма ако има потреба. Сега не се организира само наставата, а наставниот кадар ќе доаѓа на работа само доколу има неодложни работи. Со владините мерки се предвидува платено отсуство од работа за родителите со деца до 10 години во тек на прекинот на работата на градинките и училиштата. Тие отсуството ќе го оправдаат со потврда за детето од градинка или училиште, а којшто треба да ја достават пред пресметката на платата.
Забранети се и масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на државата, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1 000 учесници.
Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките од Владата ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Претходно, Министерството за надворешни работи објави препорака до граѓаните да не патуваат во Италија поради состојбата со коронавирусот. Генералниот конзулат на Северна Макеоднија во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион, како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.
Откажана е и целокупната агенда на СДСМ и на лидерот на партијата Зоран Заев во наредните денови, со цел да се превенира ширење на коронавирусот, а ВМРО-ДПМНЕ засега не ги одложува партиските активности за денеска за промовирање на кандидатите за пратеници на конвенција, а на која, како што велат, ќе се испочитувал дозволениот број за учество на собири.
Претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија вчера порачаа дека ако не се справиме со коронавирусот, несогледливи ќе бидат последиците по бизнисот, а може да дојде и до парализа на целокупната економија.
Според претседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Властимир Голубовиќ, откажани се влезовите на крузерите, но хотелските аранжмани за летово не се откажуваат.
Согласно препораката на Владата за неодржување јавни масовни собири со цел превенција од појава и ширење на Ковид-19 (корона вирус), и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) соопшти дека ги откажува сите јавни настани предвидени за март.
Од Здружението на новинарите на Македонија повикаа медиумите да известуваат одговорно за Ковид 19 и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста. Како што наведуваат од ЗНМ, новинарите и медиумите имаат одговорност да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста. Тие имаат обврска да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да коментираат за ваквите чувствителни прашања.
Премиерот Оливер Спасовски за в четврток во 13 часот закажа координација на претставници на политичките партии во врска со реализацијата на владините мерки за справување со корона вирусот.