
Стафилов: Мерките на градот за аерозагадувањето на долг рок се добра насока, но во критичните денови тие мора да се поинтензивни
Пред почетокот на грејната сезона, Скопје почнува да се соочува со зголемени концентрации на ПМ 10 честички во воздухот. Дел од мерните станици не работат. А оние што работат, во изминатиот период покажаа и до пет пати зголемени концентрации на овие отровни честички. Градот Скопје соопшти дека презема долгорочни мерки како што се постапката на преземање на топлификационата мрежа, субвенционирање на печки што помалку загадуваат, зголемување на зелените површини, мапирање и чистење на дивите депонии, како и подобрување на велосипедската инфраструктура. Но, дали е ова доволно? Професорот Трајче Стафилов од ПМФ вели дека мерките се добра насока на долг рок, но во критичните зимски денови тие мора да бидат со поголем интензитет со примена на непопуларни мерки кои даваат резултати на краток рок.
Од студиите изработени досега заклучокот е дека три фактори влијаат на загадувањето на воздухот во Скопје: сообраќајот, домакинствата кои се греат на дрва и јаглен и индустријата. Тој појаснува дека не само постоењето на загадувачи туку и климатските услови, поготово во котлините како што е скопската дополнително придонесуваат за зголемени концентрации на токсични честички во воздухот.
Во Европа повеќе од 400.000 луѓе годишно умираат поради последици од загаден воздух, кај нас повеќе од 2.000 од кои половината се во Скопје.
Јордан Дуков