
ССК: Како ќе се намали загаденоста ако се субвенционираат половни возила
Не е јасно како власта планира да ја намали загаденоста на воздухот, со намерата да се субвенциониора купување не само на нови, туку и на половни возила со Еуро5 стандардите. Од ССК, каде припаѓа и Групацијата на импортери, предупредуваат дека тие автомобили, доколку се возени повеќе години, сепак може да имаат поголема емисија на издувни гасови. Препорачуваат, во првилниците што треба да се донесат наесен, да се внесе и одредба со која возилата што ќе се субвенционираат, задолжително да се тестираат за ваква емисија.
Предлагаат дека ако власта сака да им помогне на посиромашните, да им ги направи достапни на граѓаните новите автомобили, со тоа што покрај субвенциите, ќе добијат и бескаматни кредити, преку Македонската банка за поддршка на развојот.
„Веруваме дека социјалниот аспкет треба да се задржи, но да се поткрепи и со еколошкиот, односно, да им се овозможи на граѓаните со субвенционирање, но и со обезбедување на бескаматни кредити, да можат да си дозволат да ги заменат старите со нови возила, кои ќе немаат импакт по животната средина. Во светот има вакви практики каде што се субвенционира, но тоа се главно чисти возила, односно без или со минимални емисии, кои нема да вршат загадување на воздухот“, вели Данела Арсовска, претседателка на Сојуз на стопански комори.
Државната помош за купување нови автомобили ја поздравуваат, но велат дека се затекнати од мерката, бидејќи ниту во Европа, ниту во регионот, не сретнале пракса да се субвенционира набавка на половни возила, и не ја гледаат потребата од оваа мерка.
Од Министерството за екологија, пак, велат дека во земјава дури 70 отсто од возилата имаат Еуро 3 стандарди, кои се големи загадувачи, а со замената со Еуро 5, ќе се намали загаденоста.
„Емисионите фактори за ЕУРО 5 возилата се генерално пониски од емисионите фактори за пониските класи на возила. Со спроведувањето на мерката за субвенционирање на замена на старо возило со половно со најмалку ЕУРО 5 стандард, позитивно ќе влијае на намалување на емисии на загадувачки супстнаци од сообраќајот“, велат од Министерството за екологија.
Од плацевите велат дека вакви половни возила кај нив можат да се најдат по цена од 4 и пол илјади евра, па нагоре. А за да добијат субвенции, граѓаните стариот автомобил ќе мора прво да го остават во овластен отпад, по што ќе мора возилото да го одјават и во МВР. А дури откако ќе го купат новото возило, ќе бараат поврат на субвенциите. Идната година е предвидено за оваа мерка од буџетот да се потрошат 2,2 милиони евра.
Нина Нинеска-Фиданоска