Средношколците ќе ги ловат непрописно паркираните автомобили

Со нов проект „Паркирај Совесно“ скопските средношколци од трета година ќе одат на терен заедно со сообраќајци и ќе пишуваат казни на лошо паркирани автомобили. Покрај тоа за средношколците е предвидена и награда кампување во Грција доколку со камера сликаат добро или лошо паркиран автомобил во Скопје и нивната фотографија е избрана меѓу 10-те најдобри на социјалните мрежи.

Надлежните од МВР, град Скопје и општина Центар сметаат дека со проектот ќе се зголеми совеста на граѓаните кои паркираат погрешно, а од друга страна и средношколците ќе се едуцираат за важноста на паркирање. Избрани се ученици од трета година затоа што тие се наредни возачи.

Проблемот со паркирање во главниот град е голем затоа што на 9 автомобили во Скопје има едно паркинг место. Но чести се и казните за непрописно паркираните возачи- во 2018-та во Скопје биле напишани над 26 илјади казни за погрешно паркирање. Во просек биле пишани 71 казни дневно.

Министерот за внатрешни работи Спасовски на промоцијата на проектот пак рече дека полицајците казнуваат, но нема доволен број на полицајци во сообраќајна.

МВР и градот Скопје имаат безбедносни и надзoрни камери во поголем дел од Скопје, но досега не се користени за казнување на сообраќајни прекршоци. Со проектот паркирај совесно, сега средношколците ќе ловат непрописно паркирани автомобили.

(Фотографијата горе е од фб страницата Ѕидот на сообраќајниот срам).

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ