Средбата Заев – Ципрас ќе покаже во која насока се движат разговорите за името

Македонија и Грција се блуску до некои прашања за решенија околу спорот за името и утрешната средба меѓу премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос ќе покаже во која насока се движи процесот. Оптимистичката порака за наѕирање на решение стигна синоќа од грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, не само во пресрет на првата средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, туку и во пресрет на најавата дека просецот околу името ќе се подигне на повисоко ниво, предводено од шефовите на дипломатиите.

Коѕијас притоа изјави дека за решавање на спорот за името Грција ќе се води од неколку параметри.

„Прашањето за името ќе биде решено врз основа идните изгледи за стабилност и безбедност во регионот, улогата на грчката дипломатија и потребата на нашата земја да игра водечка улога во регионот. И секогаш велам: Ги разбирам тие кои се затворени во историјата, но историјата треба да се учи“, изјави синоќа Коѕијас во Брисел, каде учестуваше на состанокот на Советот на министри на ЕУ.

Неговата изјава доаѓа во период кога во Грција се подгрева национализмот врз спорот за името што кулминираше со масовни протести во Солун во неделата под паролата „Македонија е Грчка, а закажа е и втор протест на 4 февруари во Атина. Коѕијас во контекст на протестите смета дека тие се начин за демократско изразување на став, но оти тие нема да влијаат на процесот кој се води  за решавање на спорот за името.

Пред средбата во Давос стигна порака и од американскиот Стејт департмент преку амбсадорот во Грција, Џефри Пајт. Тој по вчерашната средба со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, изјави дека по промената на власта во земјава, сега е идеално време за дијалог за изнаоѓање на решение за прашањето за името.

Инаку разговорите Заев – Ципрас околу името во рамки на Светскиот економски форум во Давос е потврда дека разговорите влегуваат во нова фаза во која ќе се водат на повисоко ниво од досегашното. Тоа го најави посредник во спорот Метју Нимиц веднаш по последната рунда разговори во Њујорк, изјавувајќи дека негова следна средба ќе биде со министрите на двете земји. Нимиц на почетокот на февруари ќе допатува во Скопје и Атина за да ги слушне ставовите на двете страни за неговиот последен пакет предлози за решени.

Во меѓувреме од македонското МНР стигна потврда дека разговорите за името се подигаат на повисоко ниво, поточно дека ќе се водат меѓу делегации од министерствата предводени од министрите Димитров и Коѕијас. Според информациите, во оваа фаза поинтензивно ќе комуницираат и директорите за Балкан во министерствата, кои веќе се вклучени во преговарачкиот процес.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ