Средба Заев-Ципрас во Давос

Прашањата поврзани со преговорите за името ќе се најдат на денешната агенда меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на нивната средба во Давос на маргините на Светскиот економски форум.

Тоа ќе биде прва директна средба меѓу премиерите на двете држави, откако се смени власта во Македонија и по неодамнешното обновување на преговорите за решавање на спорот со името. Досега се одржаа две рунди преговори меѓу преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, со медијаторот Метју Нимиц.

Средбата меѓу Заев и Ципрас е закажана за 13 часот.

Како што објави грчкиот весник „Вима“, на средбата Ципрас – Заев се очекува да биде разгледан пакетот на Метју Нимиц, претставен на втората рунда одржана во Њујорк, а не е исклучено двајцата премиери денеска да излезат и со заедничко соопштение дека е направен прогрес во решавањето на прашањето за името и оти процесот ќе се води на највисоко политичко ниво.

Наспроти оптимизмот и очекувањата на властите во Атина и Скопје, во Грција се најавува нов протест за 4 февруари, овој пат во грчката престолнина, кој го организираат приврзаниците на ставот дека Македонија е грчка и не е потребен, ниту дозволен никаков компромис.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ