Средба Заев – Пенс: Честитки за одговорната одлука за договор со Грција, догодина заедно ќе го прославиме членството во НАТО

Охрабрувачки пораки за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на договорот со Грција упати Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс, на средбата која ја имаше со Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Потпретседателот Пенс пренесе и пораки од Претседателот на САД, Доналд Трамп, со честитки за лидерството во спроведувањето на реформите неопходни за членство на државата во НАТО и Европската унија.

Премиерот Заев, придружуван од Заменик претседателот за европски прашања – Бујар Османи, и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на средбата со Мајк Пенс и неговата делегација разговараа за актуелни политички прашања од интерес на граѓаните на двете земји.

„Охрабрени и инспирирани од средбата со Потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“ кажа Зоран Заев.

Заев и Пенс разговараа и за можноста заеднички да го прослават приемот на нашата земја во НАТО наредната година.

Се сретнаа на покана на Потпретседателот на САД, а сето тоа по посетата на Македонија од страна на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и на помошникот државен секретар Вес Мичел и искажаната поддршка за референдумот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ