Спорните четири фирми сега не потпишуваат договори за пари од Фондот за иновации

Спорните четири компании, кои се изјаснија дека во својата сопственичка структура имаат носител на јавна функција или член на потесното семејство, сега нема да потпишуваат договори со Фондот за иновации, тие се изземени од процесот, објави првиот човек на Фондот, Деспотовски. Дополнително ќе се оценува дали воопшто ќе ги добијат средствата.

„Од Комитетот за одобрување на инвестиции, по барање од мене, овие повторно овие проекти да се евалуираат. Веднаш откако ќе имаме став на комитетот, ќе ја известиме јавноста. Така што, за тие компании не потпишуваме договори, тие одат повторно во постапка на евалуација“, вели директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски.

Станува збор за Микросам од Прилеп, каде акционер е поранешниот министер Веле Самак, Контура, каде сопственик е Елена Донева, член на семејството на екс амбасадорот Јован Донев, Т-Сенс консалтинг, каде малцински содружник е Мерита Адеми, член на семејство на сегашниот министер за култура Асаф Адеми, која потоа е избришана од сопственичката структура, и Декодикс, каде еден од сопствениците е Христина Керкез, член на семејството на советничката на премиерот, Цветанка Ласкова, иако таа не е носител на јавна функција.

Вицепремиерот Анѓушев вели дека не учествувал во одлучувањето за четирите компании, бидејќи тоа не е негова работа, но тврди дека никој не добил и нема да добие пари од државата, се додека претходно не инвестира свои средства за намената за која аплицирал. За оние неспорни 73 компании, за кои постапката на потпишување на договорите веќе трае, се очекува дека во наредните неколку недели проектите ќе почнат да се реализираат.

„Она што со сигурност можам да го кажам е дека пари се уште никој не добил бидејќи парите се добиваат откако фирмите ќе ги покажат своите капцитети и ќе ги инвестираат своите средства. Значи, она што беше како информација претходно пласирана во јавноста дека некои однапред ќе добијат некакви грантови е комплентна шпекулација и ја демантирам“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Сите фирми, тврди тој, парите ќе ги добиваат како со текот на времето како ќе ги реализираат своите проекти и ќе ги докажат финансиските способности.

Денеска беа потпишани договори за финансиска поддршка за отворање бизнис- акцелератори за млади, проект кој со 1,5 милиони евра го финансира Светска банка, а 500 илјади евра се очекува да обезбедат компаниите кои ќе ги организираат. Директорот во Светска банка за Македонија и Косово, Марко Матованели вели дека со акцелераторите ќе се обезбедат менторство, информации и консалтинг за новооснованите фирми. Светските искуства покажале дека во вакви акцелератори се формирани едни од најиновативните компании, кои потоа достигнале високи вредности.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ