Специјалци пред судницата до која Мијалков денеска за прв пат беше спроведен од Шутка

Девет дена откако беше притворен екс директорот на УБК прв пат беше донесен од истражниорт затвор во судот на рочиште за „Трезор“. Покрај стандардниот превоз кој оди на релација  Шутка – Кривичен суд, затворското комбре во кое се превезуваше некогаш најмоќниот човек во земјава, беше придружувано од три полициски џипови со специјалци. Комбето влезе во судската гаража а камерите го снимија Мијалков во судницата. Додека обвинителот Артан Ајро ги читаше материјалните докази што СЈО ги има против пораншениот висок полициски функционер за набавката на електронска опрема во УБК, обвинетиот тивко разговараше со своите адвокати.

И додека во судницата поддршка на Мијалков му даваа поранешните телохранители кои велат присуствуваат на судењето како јавност, пред врата на судницата стоеа униформирани специјалци со оружје .

Од кривичен велат дека не барале полициско обезбедување и посочија кон МВР. Од министерството за сега нема одговор на прашањата на Телма дали стравуваат од бегство или пак имаат други безбедносни проценки.

До сега полицсико обезбедување имало на судските процеси за „Диво насеље“, „Монструм“, „27 април“ и други предмети поврзани со тешки криивчни дела, насилни или против државата.

МВР летоска му го укина обезбедувањето на државна сметка. Но до последниот ден кога беше притворен Мијалков доаѓаше со придружба на судењата.

Мијалков повторно ќе треба биде донесен во судскиот комплекс наредните денови кога апелација ќе одлучува за неговиот притвор. Адвокатите се надеваат дека ќе ги уверат повисоките судии дека притворот е незаконски. Според одбраната СЈО нема докази за да го поврзе Мијалков со 11 милиони евра, за кои посочија дека биле на други сметки а всушност биле негови.

СЈО побара притвор за Мијалков врз основа на оперативни сознанија дека се подготвувал за бегство, но и допис на Управата за финансиско разузнување дека поседува над 11 милиони евра на две туѓи сметки.

Поранешниот прв разузнавач беше приведен минатиот вторник а по неколку дена префрлен во една од шесте хашки соби во Шутка.

Судењето за „Трезор“ ќе продолжи на 21 декември со сведоци на СЈО.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ