Специјален фонд во специјалното обвинителство – Јанева си ги бара донациите затоа што немала пари за одбрана

Со порака дека нема доволно пари за одбрана, притворената поранешна специјална обвинителка Катица Јанева бара пари од колективен фонд кој е формиран во СЈО со месечна уплата кај благајникот од сите вработени и сите обвинител. Писмото, уште едно од Шутка стигнало во СЈО и со него Катица барала пари кои таа ги дала во тој солидарен фонд, но си ги барала и сопствените лични работи кои останале во СЈО.

Никој од СЈО не сакаше да прецизира и официјално да изнесе детали како ќе и биде одговорено на писмото на доскорешната неприкосновена шефица во зградата на Рузвелтова, ниту пак колку пари и има во тој фонд. По формирањето на СЈО, со идеја на Јанева е формиран тој солидарен колективен фонд и во него обвинителите уплаќале месечно по 50 евра, а останатите вработени по илјада денари. Месечно така се прибирала сума над 2 илјади и двесте евра. Намерата била специјална, за подготовка на свадби или погреби, како и кога некој од вработените имал потреба од пари за лекување. Како ќе се трошат парите одлучувала само Јанева, тврдат изворите на Телма од СЈО, додека парите и приносот и излезот се евидентирал кај благајникот. Уште пред неколку недели вработените побарале да се види за што се трошени парите, колку има и како да се вратат на оние што донирале. Никој освен благајникот не знае точно колкава сума е собрана. И покрај таков фонд, кога од СЈО некој ќе правел свадба или ќе му се родело дете пари за подароци се собирале независно од тоа. Јанева пак редовно добивала подароци и за нејзиниот роденден и за 8-ми март, но и во други прилики кога имала семејни радосни пролсави. Па вработените морале да собираат по илјада или две илјади денари и да и купуваат подароци.  Сега Јанева го бара и делот од фондот за својата специјална прилика односно за одбрана.

Јанева според пресметките на КОД објавени вчера добивала околу 105 илјади денари плата со додатоци и уште најмалку толку согласно одлука за чување во тајност на приватни и деловни содржини од таканаречените бомби.  Тој дел не се знае бидејќи одлуката е класифицирана како доверлива информација и сега откако Јанева е во притвор нема кој да ја ослободи од доверливост. Заводот за ревизија досега ниту правел ниту планирал проверка на финансиското работење во СЈО, тоа може да се додаде во годишниот план за ревизија, или пак да се испланира дури за догодина, но сето тоа ќе зависи кога Собранието ќе го комплетира врвот на Државната ревизија.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ