
Спасовски: оставката е морален чин но одговорност мора да има!
Непостапувањето на полицијата во Струга која беше нем посматрач на верскиот обред во центарот на градот на кој присуствуваа некоолку стотици граѓани е доволна причина првиот човек на полицијата, министерот Наќе Чулев, да понесе одговорност, смета техничкиот премиер Оливер Спасовски. Неговата матична партија десетина дена наназад бара одговорност и оставка од министерот Чулев а премиерот Спасовки е на ставот дека евентаулната оставка е личен и морален чин.
Министерот Чулев засега е без коментар околу барањата за одговорност и негова оставка.
Она што е јасно е дека и доколку ја поднесе оставката нема кој да ја прифати бидејќи Собранието кое го назначи за министер е распуштено па затоа се збунувачки и барањата од владеачката партија.
Владата на вчерашната седница го задолжи МВР да утврди одговорност за настанот во Струга заради прекршување и непочитување на мерките за заштита од коронавирусот.
„Владата на денешната 50-та седница го задолжи МВР, веднаш да го испита случајот со одржувањето на верскиот настан во текот на вчерашниот ден во Струга, како и прославата организирана од МВР по повод одбележувањето на Денот на полицијата кои претставуваат сериозно непочитување и прекршување на воведените забрани со одлуките, мерките и препораките донесени од страна на Владата, да утврди одговорност и да се преземат соодветни мерки кон одговорните лица и за истото да ја информира Владата“ – соопшти владата.
Вчера Јавното Обвинителството соопшти ќе постапува за верскиот настан одржан во Струга.
По одржувањето на велигденската литургија во Бигорскиот манастир и струшките литии ИВЗ одлучи да ги отвори џамиите за своите верници.
Владата веќе контактирала со преставниците на ИВЗ за да се прецизираат мерки за заштита при верските обреди во џамиите. Оттаму велат дека иако имаа донесено уредба за спречување на собирање немаат уставно право да се мешаат во одлуките на верските заедници.
Од ИВЗ соопштија дека се лути на МПЦ поради непочитување на мерките и најавија дека остануваат на одлуката донесена на вонредниот состанок во четвртокот – џамиите да се отварат за верниците на 12 мај односно веќе во вторник.
Одлуката ја образложија со подобрување на ситуацијата во државата, намалувањето на бројот на заразени од коронавирус и молба од 13-те муфтивства и со верските обрди кои веќе ги направи МПЦ.
Огнен Чанчаревиќ