Спасовски очекува законот за ЈО да биде усвоен и не го повлекува барањето за разрешување на Мизрахи

Премиерот Оливер Спасовски очекува Предлог законот за јавно обвинителство, за којшто е потребно двотретинско мнозинство да биде разгледан на пленарна седница и усвоен од Собранието. Порачува дека иако не е услов за европските перспективи на државата сепак е позитивен аргумент за пред членките на ЕУ за добивање датум за преговори. Се повеќе се расчистува, како што вели, маглата за тоа кои се поентите и зошто треба да се донесе.

– Неколкупати истакнав дека многу е важно за иднината на државата да се донесе Закон за ЈО. Иако тој не е  услов  за европските перспективи на државата, но е добар позитивен пример и аргумент со кој можеме да настапиме пред државите членки на ЕУ при добивање на датумот за почнување на преговорите. Мислам дека добро се развива и целата дебата околу законот за ЈО и како тече расправата, дали е тоа во Влада, дали е тоа во комисиите во Собранието, мислам дека се повеќе се расчистува маглата околу тоа кои се поентите и зошто треба да се донесе законот. Јас очекувам дека овој закон ќе се разгледа на пленарната седница и дека ќе биде усвоен од Собранието, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата

Можам да правам компромис и да разговараме за политички теми, можеме да бараме решенија за тие теми, но да правам компромис за почитување на Устав и на закон и посебно на министер што даде свечена изјава пред Собрание дека ќе го почитува Уставот и законот, тоа нема да се случи, дециден е премиерот Оливер Спасовски во одговорот на новинарско прашање дали размислува, за да се избегне политичка криза, да го повлече барањето за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

На прашањето како може да се реши ова прашање, Спасовски посочи дека во предлогот доставен во Собранието за разрешувањето на министерката Мизрахи, тој нема дадено ново решение и затоа, нагласи, тоа останува на опозицијата.

– Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат, што го почитува Уставот и законите. На пример еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам, изјави премиерот Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски.

Во однос на можноста ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во работата на Собранието, откако вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека не гледаат повеќе потреба за такво нешто затоа што не се распушти Парламентот согалсно политичкиот договор, Спасовски истакнува дека не знае каква одлука донела опозициската партија, но порачува дека за таква политичка одлука се носат соодветни консеквенци.

-Не знам каква одлука има донесе ВМРО-ДПМНЕ во однос на учеството во работата на Собранието, но сепак тоа е нивна политичка одлука и за таа одлука се носат соодветни консеквенци, рече Спасовски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ