Спасовски: На сите гранични премини имало информација дека Груевски не смее да излезе од државата

Груевски избега, јавноста очекува одговори, но досега ниту некој одговарал, ниту пак е кажана утврдена временска траекторија од бегството на осудениот поранешен премиер. Министрите се правдаат дека истрагата треба да ги открие и одговорите и одговорноста. На сите гранични премини имало информација дека Груевски не смее да излезе од државата, рече Спасовски, а неговата колешка Шекеринска е убедена дека дадениот азил во Унгарија нема да влијае врз македонското членство во НАТО.

По бегството на Груевски, се уште никој не е земен на одговорност. Министерот Спасовски не соопштува дали е точна верзијата на бегството која ја кажа српскиот претседател Вучиќ, дека Груевски по полноќ на 11-ти ноември ја напуштил Македонија легитимирајќи се и во друштво на двајца Унгарци. Алибито за неодговорањето е тоа што истрагата трае и треба да утврди кој е одговорен.

Тоа што Унгарија, земја членка на НАТО и ЕУ, поверува во приказната на поранешниот премиер и му одобри азил затоа што е жртва на политички прогон во Македонија- потпретседателката на владата Шекеринска не го гледа како пречка за скоро членство во алијансата.

Заминувањето на Груевски, наместо во правец кон Шутка, 800 километри подалеку во Будимпешта покажа и дека надлежните институции немаат ниту врска едни со други за вакви сензитивни случаи ниту пак се координираат. Сега поради екс премиерот, актуелната власт ќе се обиде да ги поврзе оние што гонат криминал, за да не им бегаат осуденици користејќи ги празнините во комуникација.

Досега министерот и надлежните не излегоа со утврдени факти како Груевски избегал од Македонија до Унгарија преку 3 балкански граница и со дипломатски унгарски возила.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ