Спасовски: Избори ќе има, прашање е кога, одлуката за датумот детерминирана од здравствената криза

Избори ќе има само прашање е кога и тоа ќе го одлучиме на лидерската средба на 12 мај, а одлуката пред се ќе се базира на интересите на државата и на граѓаните при тоа оставајќи ги на страна сите политички интереси кои ги имаме и ќе биде детерминирана од развојот на здравствената криза, порача денеска премиерот Оливер Спасовски.

-Времето на пандемијата и здравствената криза и на се она што ни се случува во државата бара висока политичка одговорност. Очекувам  дека на лидерската средба ќе се постигне договор во однос на одржувањето на изборите кога впрочем тоа и е можно врз основа на сите правни активности, рече Спасовски во одговор на прашање по положувањето венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата во чест на 9 Мај, Денот на победата на фашизмот и Денот на Европа.

Одлуката за датумот на изборите, како што рече, ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести.

-Не знам дали е идеално време јуни за да се одржат парламентарните избори, но заради најавите дека е можно да се врати оваа криза уште еднаш после септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно  побрзо, имајќи  предвид дека на државата и се потребни  функционални институции кои ќе можат да носат одлуки за сите прашања кои се во интерес на граѓаните, посочи Спасовски.

Сепак, нагласи, тоа ќе биде детерминирано и од развојот на здравствената криза.

-Очекувам дека се добри ефектите од сите мерки што досега ги преземавме  и дека ќе дадат уште  подобри резултати  со што ќе се створат услови за да можеме  да одиме на парламентари избори  дали ќе биде јуни, дали ќе биде  почетокот на јули, меѓутоа  како и да е ќе биде одлука што треба да се донесе врз основа на тие стручни анализи, потенцира Спасовски.

–Исламската верска заедница да ја преспита својата одлука за отворање на верските објекти,  а исто така и МПЦ да се однесува сериозно, апелира премиерот Оливер Спасовски.

-Во однос на отворањето на џамиите односно носењето на  одлуката на ИВЗ јас го кажав мојот став за сите верски заедници  дека тие треба да ги почитуваат одлуките што ги носи Владата и нема организација дали е тоа верска, дали  е политичка, дали е поединец кој не треба да ги почитува  одлуките. Заради тоа што овие одлуки  не се од политичка причина, ова се одлуки што значат заштита на животот  и здравјето на граѓаните. Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука  во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ  да се однесува сериозно заради тоа што  направи низа на пропусти во  изминатиот период, изјави Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ