
Спасовски испратил барање до ВМРО-ДПМНЕ за нов канидат за министер за труд и социјална политика
Владата вечерва во 21 часот ја одржува деветата седница, но во владиното соопштение не се наведени повеќе детали.
Премиерот Оливер Спасовски веќе испратил барање до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да назначи нов министер за труд и социјална политика по разрешувањето на Рашела Мизрахи.
-Согласно член 44 став три од Закон за Влада потребно е да предложите кандидат за министер, кој ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија, се наведува во барањето на Спасовски до ВМРО-ДПМНЕ.
Собранието претходно со 62 гласа „за“ ја разреши Рашела Мизрахи од позицијата техничка министерка за труд и социјална политика. Спасовски достави до Собранието предлог за нејзино разрешување, а барањето следуваше откако Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“.
Премиерот на седницата за разрешувањето на Мизрахи рече дека несериозно е некој да си поигрува со Уставот – кога некому му одговара, да го почитува, а кога треба да добие партиски интерес да го погазува.