
Спасовски ги „испука“ стратегиите за развој на МВР на местото на оружениот инцидент меѓу групите од Грчец и Арачиново
Во хотелот Александар Палас каде пред девет дена имаше вооружена престрелка меѓу две групи од Грчец и Арачиново, а во која учествуваше и полицаец, претпладнево беше претставена стратегијата за идниот развој на МВР и на полицијата.
Министерот Спасовски не се осврна на инцидентот кој се уште не е расветлен до крај, ниту пак за судбината на приведените во големата полициска акција против припадниците на скопското подземје.
Тој порача дека стратегијата за периодот 2020-2022 ќе се спроведува во интерес на граѓаните. Стратегијата е изработена заедно со ОБСЕ.
-Во периодот што претстои, планирано е развивање и примена на транспарентни и непристрасни постапки во процесот на вработување и унапредување на вработените преку развивање на еден современ Мерит систем или систем на вработување и унапредување по заслуги.Исто така вниманието ќе биде посветено на планирањето на персоналот, објективната селекција и проценката на резултатите од работата како и компетенциите на вработените, спроведување на обуки насочени кон соодветна контрибуција на работниците во зајакнување на интегритетот на полицијата, превенирање одлив на кадар, како и развивање на вештините на лидерството, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Министерот најави и ревидирање на дисциплинските процедури во Министерството, што за цел има да се воспостави правичен, конзистентен, предвидлив и единствен дисциплински систем и да се даде силна порака до заедницата дека несоодветните полициски активности, ќе бидат соодветно истражени, во разумен временски период, со цел корегирање на однесувањето на работниците кое е спротивно на вредностите и заложбите на Министерството за внатрешни работи. Постојниот систем на дисциплински постапки во Министерството за внатрешни работи има потреба од одредени подобрувања кои ќе бидат надминати со сетот на препораки предложени од работната група.
-Ние сме подготвени да ја продолжиме нашата поддршка за напорите на Министерството со цел зајакнување на службата за спроведување на законот преку имплементирање на овие стратешки документи. Особено сум горд на нашите вработени кои придонесоа со својата стручност и искуство, што ја покажува додадената вредност на Мисијата за поддршка на Министерството за внатрешни работи директно, како и за целокупните процеси на реформи во земјата, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.