
Спасовски: Дел од уредбите за економските мерки ќе бидат донесени уште утре
Техничкиот премиер Оливер Спасовски објасни дека за секоја една од економските мерки од владиниот сет ќе треба да се носат уредби со законска сила, кои детално ќе ги разработат сите аспекти како секоја мерка ќе биде реализирана. Спасовски најави дека дел од тие уредби ќе бидат донесени утре.
Во вечерашното гостување на Топ Тема, Спасовски потенцираше дека мерката за 14.500 денари по вработен може да ја искористат сите компании, тргнувајќи од најмалите компании на која што им е најпотребна, микрокомпаниите, самостојните трговци, занаетчиите итн. Еден од условите за висината на исплатата е ефективното работно време.
Кога зборуваме за ефективно работно време значи дали работникот бил пријавен на полно работно време или на половина работно време. Ако бил на полно работно време ќе добие 14.500, ако бил на половина ќе добијат половина од таа сума. Без разлика дали тие во моментов работат или не, ние сакаме да им помогнеме на тие кои од разни причини не можат да работат, рече Спасовски.
Техничкиот премиер најави и дека се подготвува посебна уредба за самостојните трговци и занаетчиите како и на кој начин ќе бидат вклучени во мерката за плати.
На прашањето зошто во тие мерки не биле вклучени и деновите од март кога дел од компаниите веќе се соочуваа со потешкотии, техничкиот премиер оцени дека станува збор за помалку од половина месец и доколку компаниите имаат потреба можат да аплицираат за безкаматните кредити обезбедени од владата.
Секој во државата може да понесе дел од товарот за да можеме да кажеме дека сите тие компании можат да преживеат, посебно средните и големите, рече Спасовски.
Тој додаде дека овие мерки се однесуваат за наредните два меесеци под препоставка дека ќе има намалување на здравствената криза и дел од компаниите ќе можат да почнат со работа.