
Спасовски: Без вонредна состојба роковите за изборите продоложуваат да течат
Неизвесно е дали владата ќе побара продолжување на вонредната сотојба по 16 мај, а доколку тоа не се случи роковите за изборите продолжуваат да течат од таму каде запреа, информираше попладнево премиерот Оливер Спасовски. Прашањето за продолжување на вонредната состојба ќе се разгледува од страна на Владата во наредните денови.
„Владата прави анализи, систематизира се она што беше преземено во однос на прогласување на вонредната состојба до сега. Анализите и во делот на здравството и во делот на здравствената криза, намалување на бројот на инфицирани со корона вирусот, меѓутоа и импликациите врз економијата ќе бидат основа за тоа дали ќе се донесе одлука за нова вонредна состојба“, рече Спасовски.
Во случај да не се продолжи вонредната состојба, Спасовски е дециден, Државната изборна комисија е должна да продолжи со спроведување на изборите според точно дефинираните рокови.
„Така да, роковите кои што поминале до вонредната состојба и имаме вонредна состојба каде што се стопирани сите рокови. Со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат и роковите понатаму и се одржуваат изборите, се со цел да нема можност за кршење на Уставот на Република Северна Македонија“, вели Спасовски.
Спасовски попладнево презентирајќи ја одлуката на владата за олеснување на мерките за заштита од пандемијата на корона вирусот, информираше дека во нив не спаѓа мерката за забрана за групирање на повеќе од двајца, поточно дека собирите на повеќе лица остануваат забранети и подлежат на кривична одговорност. Во тој контекст Спасовски информираше дека институциите се уште работат на идентификување на учесниците на минатонеделната литија во Струга организирана од МПЦ.
Тамара Грнчароска