
Спасовски бара од пратениците разрешување на Мизрахи- таа пак не очекува да биде разрешена
Техничкиот премиер Спасовски, побара од пратениците разрешување на техничката министерка за труд Мизрахи.
Предлогот денеска стигна до пратениците кои треба да гласаат „за“ или „против“ разрешување на Мизрахи на наредната собраниска седница.
„За сѐ може да има компромис, за се може да разговараме,но за непочитување на Устав и Закон нема компромис. Ако некој смета дека ситнопартиски интерес, политички интереси,не знам какви други се поважни од Македонија и од иднината на оваа државата, се лаже многу. Предлогот е веќе доставен до Собранието и предлагам да биде разрешена заради тоа што мора да се почитува Уставот и Законот“, рече Спасовски.
Мизрахи пак во телефонски разговор за „Телма“ вели дека не очекува пратениците да ја разрешат. Тврди не е виновна за ништо.
„Не очекувам да бидам разрешена, не направив ништо и не сум виновна за ништо. Апсолутно ќе ја почитувам одлуката на пратениците каква и да е, бидејќи тие ме назначиле , тие можат и да ме разрешат. Министерството и пред мене било предупредено дека не била сменета таблата, но и во буџетот за 2020 не е предвидена таква набавка. Јас не сум одговорна за неспроведување на законот на мојата претходничка – изјави Мизрахи за Телма.
Таа вчера кажа дека нема намера да ја менува таблата со името Република Македонија, па дури и е подготовена да плати казна од 5.000 евра.
На разум од Спасовски апелираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Укорот за Мизрахи првично стаса од грчка страна со протестна нота до министерството за надворешни – дека двајцата технички министри го кршат договорот од Преспа. Предлог за разрешување на Мизрахи, прв од Спасовски побара ресорниот министер Никола Димитров.
Реакција пристигна и од поранешниот грчки шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, кој, пак, побара да ѝ се забрани на Мизрахи да патува во земјите од ЕУ.
А дека добил укор денеска пред новинарите кажа и техничкиот министер во МВР, Наке Чулев. Вчера бил повикан во амбасада.
Добил реакција за неговата биографија во која во графата Државјанство напишал Република Македонија.
Но тој вели неговото СиВи е негов личен документ.
Исто така било реагирано и поради амблеми со знакот на министерството кои се гледале во позадина на фотографии од неговата посета во Охрид.
И на нив стоело името Република Македонија. Чулев вели тие се останати уште од минатото и ги има насекаде во објектите на министерството.
Александра Филиповска