Спасовски бара од Антикорупциска да ги истражи обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против него

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска до Државната комисија за спречување корупција побара да се испита комплетно целиот случај во врска со негова наводна инволвираност во инвестиција на компанија во Куманово за што го обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, целта на изнесените низа дезинформации, лаги и невистини од страна на ВМРО-ДПМНЕ, е да се дискредитира неговата личност за наводно учество во отворање на некаков бизнис во Куманово, нова инвестиција во компанијата Пинк петрол.

„Јас одговорно сакам да кажам дека се тоа апсолутно лаги и дезинформации, кои ги демантирав уште првиот ден. Ниту јас, ниту член на моето семејство нема удел во таа или во која било друга компанија ниту во државата, ниту надвор од државата, ниту денеска, ниту во минатото, апсолутно во ниту еден момент. И додека ВМРО-ДПМНЕ, партијата која што ја уништуваше Македонија 11 години повикува да се поведе постапка пред Антикорупциска комисија, јас не повикувам, еве дојдов денеска сам и доставив допис со барање да се испита комплетно целиот овој случај на инволивраност, мојата состојба, потекло на имотот на мене, на моето семејство и да се утврдат аргументите и фактите заради тоа што не смее да се дозволи да се манипулира со јавноста и на еден ваков начин да се врши дискредитација на одредена личност“, кажа Спасовски.

Спасовски вели дека лицето со кое се поврзувал во овој случај, а е син на сопственикот на компанијата и е вработено во МВР, но не е негов советник и не работи во неговиот кабинет.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ