
Спасени француски државјани кои залутаа на Попова Шапка
Француските државјани, за кои вчера во тетовската полиција беше пријавено дека заталкале и се изгубиле на падините на Попова Шапка, вчера околу 18 часот биле најдени живи, но премрзнати, потврди денеска МВР.
Тие со ратрак се спуштени во Полициското одделение Попова Шапка каде им била укажана прва помош.
Француските државјани, волонтери во Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово, вчера заталкале на Попова Шапка, при што јавиле дека единствено што знаеле е дека се наоѓаат покрај некоја карпа.
Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка и претставници на Горско-спасителната служба веднаш започнале со координирани активности за нивно лоцирање, пронаоѓање и извлекување од силното снежно невреме, по што биле пронајдени.