
Советот за безбедност одлучува дали да продолжи вонредната состојба
Советот за безбедност денеска ќе се одлучува дали ќе има трето продолжение на вонредната состојба, што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април, а истекува утре. На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот, ќе присуствува д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.
Министерот Венко Филипче вчера најави дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, но не прецизираше дали ќе се бараат нови 30 денови или помалку. Рече дека е потребна затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба, како рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму.
Вонредната состојба поради коронавирусот првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота. Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено. Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.
Двете одлуки на шефот на државата за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.