
Советот на Скопје ќе расправа за поскапување на паркирањето во деновите на енормно загадување
Советот на Град Скопје денеска ќе расправа за измена на цената за час паркирање на паркиралиштата со кои стопанисува „Градски паркинг“ со која ќе се даде можност во деновите на енормно загадување, да биде двојно зголемена цената за паркирање на одредени паркиралишта.
Во случај на енормно загадување на воздухот, оваа мерка би се применила во центарот на градот, за да се стимулираат граѓаните да користат јавен превоз, се со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот, појаснуваат од Град Скопје.
Со измените се предлага да поскапи и паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно месечната претплата да изнесува 800 денари наместо сегашните 300 денари.