
Советниците на Груевски чинеле 1,7 милиони евра, советниците на Заев енигма
Владата сеуште пресметува колку плаќа месечно на 55 те советници и соработници кои ги има ангажирано премиерот Зоран Заев, но затоа денеска излезе со прецизна информација колку било плаќано за 91 советник на поранешниот премиер Груевски, како реакција на вчерашниот прес на опозициксата ВМРО- ДПМНЕ.
Груевски во периодот од 2010 до 2016 година имал ангажирано 91 советник и надворешен соработник за кои годишно се исплаќало 1,73 милиони евра, соопштија од Владата.
„Потенцираме дека поради обемот на архивирана документација и нестандардното архивирање се уште не се обработени податоците за периодот од 2006 до 2010 година за ангажирани лица како советници и соработници на поранешниот премиер Никола Груевски и недостасуваат податоци од авторски агенции преку кои биле ангажирани надворешни соработници, што значи дека оваа бројка од 91 советници и надворешни соработници, не е финална“ велат од Владата на РМ.
ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека 55-те советници на премиерот Заев чинат 540 илјади евра годишно.
Сумата која им се исплаќа на советниците на Заев делумно се поклопува со информацијата во соопштението на Владата каде е наведено дека тие тежат третина од 1,7-те милиони на советниците на Груевски.
Во денешната реакција на Владата нема демант на тврдењата на опозицијата дека надворешниот соработник на премиерот Силвио Аврамовски, задолжен за економски Прашања и Зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток, бил осудуван.
Според податоците кои Аврамовски ги внел на неговата страна на социјалната мрежа „Фејсубк“ може да се види дека тој студирал историја, па затоа се доведува во прашање и неговата стручност во економијата и компетентност за функцијата на која е назначен.
Топ Тема на Ваша страна минатата недела, преку слободен пристап за информации од јавен карактер, испрати барање до Владата за платите и стручната подготвеност на советниците на премиерот но одговор засега нема.
Огнен Чанчаревиќ