Советникот пратен директно од Меркел стартуваше со работа, ќе ни помага во реформите

Германска помош да се реформира македонската економија и да добие полесен пристап до европските фондови. Денеска својот ангажман во земјава го стартуваше специјалниот советник пратен директно од канцеларката Ангела Меркел, Валтер Дефа, кој ќе биде платен од германската Влада. Откако ќе ги скенира состојбите, ќе се ангажира и на дуалното образование, подобра законска регулатива и привлекување странски инвестиции, но и повеќе наши производи да се најдат на европските пазари.

Првиот негов совет беше да се искористи моментот што земјава е најпозитивна вест секаде во светот, рече вицепремиерот Анѓушев.

Дефа е долгогодишен претставник на Германија во Европската Комисија, а бил и директор на Генералниот директорат за регионална политика. Во јуни ќе дојде да ни помага уште еден германски советник, кој ќе се бира на отворен повик, него половина ќе го плаќа Владата, но до висина на советничката плата, а остатокот од германската Агенција за техничка поддршка.

Дефа веројатно ќе има став и за минималната плата, која Владата планира до пролет да ја зголеми по втор пат.

Токму 65 отсто од германските фирми, пак, кои работат овде пак, велат дека зголемувањето на минималецот го немаат земено предвид во своите буџети, а 40 отсто сметаат дека годинава не треба воопшто да се зголемува минималецот.

На прашањето колку месеци пред да се донесе одлука за зголемување на минималната плата Владата треба да ги информира стопанствениците, дури 85 отсто од анкетираните компании сметаат дека Владата треба да ги информира 12 месеци порано, а само 15 отсто сметаат дека 6 месеци се доволно, се вели во анкетата.

Германските бизнисмени предупредуваат дека покрај зголемувањето на персоналецот, ако се зголеми и минималната плата, фирмите ќе се соочат со дополнителни давачки.

Премиерот Заев засега без детали колку би изнесувал законскиот пораст.

По сите консултации што труд и социјална политика и финансии ќе ги направат со здруженијата на работодавачи, со кластерите во државата, пред се мислам на текстилната и кожарската индустрија, затоа што таму е највисокиот директен импакт, ќе ги соопштиме сите колку ќе биде покачувањето на платата, вели Зоран Заев, премиер.

Тврди дека ќе се води сметка да не им се наштети на компаниите и да не се доведе во прашање нивната одржливост, а Владата, како и лани, ќе помогне во покривање на нивните трошоци.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ