
Социологија предава кој стигне од учебници стари 18 години
Социологија предава кој стигне од учебници стари 18 години. Партиски војници се поставуваат на местата на дипломираните социолози, квалитетот на наставата е низок, студиските програми се стари а интересот за студиите слаб. Социолозите реагираат дека, граѓанското образование се третира како контејнер во кој може да се пикне се и сешто.
Интерес за пишување на нови учебници нема. Откако мајка на ученик во втора година средно објави цитати во кои, причините за учеството на жените во криминалот се објаснуваат со општествената положба на жената.
Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената која е поактивна во општествениот живот има поголеми шанси да стори криминал, стои во учебникот.
Исто така, е наведено и дека прељубата е кривично дело, изедначено со недозволениот абортус, уцените, кражбите и кривоклетството. Авторите на учебникот велат дека цитатите се извадени од контекст, дека се дел од истражување спроведено во Америка, но и дека е пишуван во транзициско време, кое не соодветсвува со денешното.
Велат и дека, во образованието мора постојано да се вложува, да се издаваат нови учебници, за да не ни се случуваат вакви гафови. Граѓанското општество постојано се менува, работи кои порано биле табу или кривични дела, сега не се.
Министерството за образование и наука најави измени во учебникот по социологија за втора година средно образование. Спорните содржини ќе бидат извадени, но социолозите велат дека тоа не е решение и дека учебниците од овој тип не смеат да бидат постари од пет години.
Далиборка Демјанска Цветановска