
Социјалните работници последен пат ги посетиле децата кои настрадаа во пожарoт лани
Теона не го дочека својот прв роденден, заедно со неа денеска на пладне беа погребани и братчето, две годишниот Петар и сестричката, четири годишната Драгана. Горчливата кнедла во грлото уште долго ќе остане кај нивните блиски и сите оние кои деновиве се трогнати од загубата на три млади животи.
Но после неколку денови од трагедијата се отворија многу прашања, во какви услови живееја децата, дали ја добивале потребната родителска љубов и грижа. Центарот за социјални грижи е првата станица каде се упативме. Директорката Азиза Џени и денеска одби да се сретне со нас, и работно и приватно беше во Скопје. И покрај тоа што вети дека ќе одговори на сите отворени прашања испрати друг социјален работник.
Ако се отвори предметот, последен пат социјалните работници ги посетиле загинатите деца и нивното семејство лани во ноември, кога требало да утврдат дали им следува парична помош на нивните родители. Претходно трите деца и ги довриле на мајката, процениле дека таа има услови да се грижи за нив. Немало индиции за родителска негрижа. Виделе дека живее во вонбрачна заедница дека нема струја и вода но тоа не биле доволни индикации. Дека најстариот син не оди во училиште и покрај законската обврска центарот исто така не знаел.
Од Министерството за труд и социјала велат дека главно во целата земја центрите бројат премалку работници за да посветат поголемо внимание на ваквите семејства. Работата најчесто завршува со доделување на социјална помош, а само најпроблематичните добиваат поангажиран третман. Сметаат дека не секогаш е решение да се одземаат децата, но ќе го истражуваат постапувањето на велешкиот центар.
Во Велес денеска е ден на жалост. Градоначалникот Аце Коцевски вели дека општините немаат големи ингеренции во социјалата но смета дека центарот би требало да биде поактивен во овие случаи.
Инаку трите дечиња изгореа во пожар откако родителите ги заклучиле дома и заминале да пазаруваат во најблиската продавница. Телма дознава дека родителите и утре ќе одат на распит. Соседите сведочеа дека и друг пат се сомневале дека се оставени сами но никој до сега не пријавил во центарот. Оставени на периферијата на градот станаа жртви на возрасните, дали има конкретен виновник полицијата и обвинителството се уште истражуваат.
Билјана Николовска