Состојбата со пожарот Манастирец критична – во велешко се гаси со авиони

Состојбата со пожарот кај росоманското село Манастирец се уште е критична, а се појави и нов кај соседното Трстеник.

Командиорот на Територијалната противпожарна единица Кавадарци, Александар Чадамов информира за МИА дека во моментов во гаснење на пожарот во манастирскиот атар учествуваат девет пожарникари и пет работници од „Македонски шуми”.

-Во моментов ги повикуваме сите слободни пожарникари кои не се на смена, за да не го оставиме градот Кавадарци на милост и немилост, бидејќи огнот од кај Трстеник се движи кон Кавадарци и борјата на ридот Голем Љубаш, кои се своевидни бели дробови за кавадарчани, нагласува Чадамов.

Дополнителна екипа пожарникари е испратена на новото жариште кај Трстеник.

Попладнево во велешко избувнаа уште два нови пожари. Едниот над реката Тополка на неколку километри од Велес, а вториот над манастирот кај велешкото село Оморани.

Како што информираат од ТППЕ Велес, во пожарот над Тополка гори сува трева, но во пожарот над манастирот кај Оморани гори и ниско стеблеста дабова шума и трња. Во нивно гаснење вклучени се екипи од противпожарната единица од Велес.

Поради опасност од повторно распламтување на пожарот кој вчера избувна во боровата шума кај селото Караслари, кој беше локализиран денеска на пладне, екипи на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес се уште се на терен. Со пожарот беа зафатени околу 50 хектари квалитетна борова шума.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ