СОНК и владата ги приближија ставовите но договор уште нема

По два состанока на кои не беше постигнат договор, СОНК и владата денеска ги приближија ставовите околу барањата на Синдикатот за повисоки плати во образованието за 10%. Претседателот на СОНК потенцира дека преговорите биле конструктивни, дека тие прават компромис околу % за згоменување на платите на членството, но дека до конечниот договор има уште работа.

  • Имавме конструктивни, но и тешки преговори, каде што аргументите кои што ние ги изнесовме на маса, за кои што тврдиме дека имаат голема тежина, тие аргументи се спротивставија со аргументите на министерството и на владата. Така што има напредок во преговорите, меѓутоа до конечниот договор, според мене или нас како Синдикат, има уште доста да се работи- Јаким Неделков- претседател на СОНК.

Приближени се ставовите со СОНК, рече по состанокот министерот за образование и наука, Адеми. Според него, владата е заинтересирана за трето, историско покачување на платите, во последниве години и очекува договорот да биде постигнат следната недела.

  • Дискутираме за сите прашања и за %, но и за датумот од кога ќе се пресметува тоа покачување, трето по ред покачување на платите. Значи на најконструктивен начин се разгледуваат сите можности, сите алтернативи, сите опции. Сме заинтересирани за подобрување на состојбите- Арбер Адеми- министер за образование и наука.

СОНК бара покачување на платите за 10 % од јануари идната година, а владата го нуди тој процент од април. Од август 2018 до сега, платите во образованието пораснаа за 10, 8 %.  Доколку се остварат барањата на СОНК за ново зголемување за  10%, платите во образованието ќе пораснат за 21, 4%, со што ќе се приближат до посакуваните 25%. Покачувањето од 25%, СОНК го објаснува со зголемувањето на минималната плата во државата за исто толку проценти, последниве години. Доколку не биде постигнат договор со владата,  СОНК ќе одржи генерален штрајк на 11 ноември. Тој би се случил по предупредувачкиот штрајк, кој го одржаа на 2 септември.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ