
СОНК бара отпуштените од градинките да се вратат на работа
Дел од вработените на определено време во градиникте, наместо да бидат примени трајно како што им ветило и за што добиле согласности од Министерството за труд и социјала, сега се отпуштени, и покрај тоа што досега работеле совесно и немало поплаки за нивната работа, тврди Самостојниот синдикат за образование, наука и култура. Нивните договори претходно биле продолжени до крајот на февруари, но сега, велат се на улица, без за тоа да добијат образложение.
„На сметка на тие кои што работеле повеќе од две, три, па и пет години, работните договори не им се продолжени, а на нивно место се примени нови вработени, кои се без ниеден работен ден или со многу мало работно искуство“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
СОНК нема точна бројка на вакви случаи, а како најпроблематични општини ги споменаа Охрид, Прилеп, Кратово, Штип, Велес, Битола и Пробиштип, во скопкските немало проблем. Синдикатот жестоко реагира и бара од министерството за труд, градоначалниците и директорите на градинките да ги вратат на работа, и да не примаат нови се додека оние кои претходно биле ангажирани не добијат решенија за неопределено време. Во спротивно, СОНК ќе ги преземе сите мерки да ги заштити своите членови, се најавуваат и тужби.
„Но, ние апелираме до министерството за труд, за да се избегнат несаканите последици од покренување на сусдки постапки и за намалување на матерфијалните трошоци што можат да се создадат, да се задоволат потребите на нашиот синдикат по пат на социјален дијалог“, рече Неделков.
Иаско се пофали дека во 2008 издејствувал законски измени со кои по две години на определено време, овие вработени се префрлаат на трајно, ваков проблем ја снашол една негувателка од велешка градина, по 2,5 години ангажман, заедно со уште 7 други.
„Јавно беше кажано дека договорите кои беа продолжени до 28 февруари ќе се трансформираат на неопределено време, но дојде до ситуација да бидеме извисени, и покрај тоа што капацитетот на вработените е многу мал и има потреба од нас. Ние сме веќе надвор од установата, бараме од министерката да се изјасни“, рече Филиповска.
Од Министерството за труд велат дека тие, заедно со Финансии, само обезбедуваат согласности за работни позиции, а конкретните вработувања и конкурси одат преку општините.
Градоначалникот на Охрид, Стојаноски, за Телма потврди дека штом на вработените во градинките во таа општина им истекол договорот, нормално е да бидат отпуштени, вели тој.
„Точно е дека има согласности од Министерството за труд и социјала, но за вработувања на неопределено време, мора да се распише оглас. Така ќе биде во сите општини. А штом е распишан јавен оглас, на него секој може да конкурира, не може да се фаворизираат одредени лица“, вели Јован Стојаноски, градоначалник на Охрид.
Според СОНК, за овој случај се заинтересирала и Сузан Флокен, висока претставничка на Европската конфедерација на синдикати за образование, која деновиве била во посета на земјава.
Нина Нинеска-Фиданоска